Heraldika

Бројот на населението, во Република Македонија, според пописот од 1994 година, е 1.936.877 жители, од кои 976.051, или 50,4 отсто мажи и 960.826, или 49,6 отсто жени. Главен град на Република Македонија е Скопје (448.229 жители). Други поголеми градови: Битола (84.002), Прилеп (70.152), Куманово (69.231), Тетово (51.472), Велес (47.326), Штип (42.826), Охрид (42.908), Гостивар (40.012), Кавадарци (32.429), Струмица (34.396) и така натаму.

Во споредба со пописот на населението од 1981 година (1.909.136 жители), бројот на населението во РМ е зголемено за нешто повеќе од еден процент. За оние што ги сакаат статистичките показатели: на просторот на Република Македонија во 1900 година живееле 908.904 луѓе, а според пописот од 1948 година бројот на жителите ја надминал бројката од еден милион:1.152.986.

Во Република Македонија има 505.852 домаќинства, од кои четиричлените семејства се доминантни (174.918), додека другите помалубројни или повеќебројни домаќинства се далеку под оваа бројка.

Според последното попишување на населението, како и според проценката, во Република Македонија живеат 1.288.300 Македонци, 442.914 Албанци, 77.252 Турци, 43.732 Роми, како Срби се запишале 39.260 граѓани, како Власи - 8.467 лица, а 87.089 се припадници на други народи како Муслимани, Египќани, Евреи, Хрвати, Црногорци, Руси, Англичани, Французи и така натаму. Остатокот од попишаните граѓани не се изјаснил национално. Пописот од 1994 година, во споредба со пописот од 1981, покажа: во Република Македонија продолжува миграцијата од село в град: сега, во градовите на Република Македонија живеат 1.179.111 или околу 57 отсто (во 1981 година тој процент изнесуваше 53,9) од вкупниот број на населението, додека, пак, во селските населби живеат 757.766 луѓе или 43 проценти (десет години пред последниот попис тој процент беше нешто повисок:46,1) од населението во Републикава.

Средното траење на животот на мажите во Република Македонија изнесува 70,1, а на жените 74,4 години, додека пак, просечната старост на машкото население е 32,7 години, а на женското нешто поголема: 33,9 години.

За љубителите на статистиката да ги соопштиме и овие резултати од пописот: во Република Македонија живеат 646.713 Македонци и 641.617 Македонки; 224.862 Албанци и 218.052 Албанки; 39.390 Турци и 37.862 Турчинки; 19.847 Срби и 19.413 Србинки итн.

Според тоа, Македонците во севкупниот број на населението во Република Македонија учествуваат со 66,5 проценти, Албанците со 22,9 Турците со 4,79, Ромите со 2,73, Србите со 2,17, Власите со 0,40 и другите со 4,28 отсто.

Во 1992 година родени се 33.238 бебиња, и тоа: 17.380 од мајка Македонка, 11.479 од мајка Албанка, 1.647 од Турчинка, 1.117 од Ромка, 13 од Влаинка, а на 1.602 мајката била од друга или со непозната народност. Вон брак од овие новороденчиња биле родени 2.432 бебиња. Триста и две бебиња биле мртвородени. Вкупно во Република Македонија во 1992 година биле склучени 15.354 бракови, а разведени биле 578 брачни заедници.